Ратевски Карневал Бамбурци
Општина Берово и здружението „Ратевски бамбурци“ го организираа Ратевскиот карневал
На 20 јануари секоја година живописното и револуционерно малешевско село Ратево, место на многу културни збиднувања низ историјата на Малешевијата, ги поздравува сите дојденци во Ратево од каде и да се.
На овој голем православен ден Св. Јован Крстител, светец најголем меѓу сите светци, бидејќи го крстил нашиот месија и спасител Исус Христос, секое лето Господово, без прекин, скоро 10 векови се одржуваат ратевските бамбурци.
Никој од ратевци не памети од кога почнал да се одржува овој ритуал, кој постепено прераснува во карневал со меѓународни димензии и кој од година в година привлекува сѐ поголем број посетители, Нeговото одржување не го спречуваат ниту силните ветришта и виулици, дождови и снегови или што би рекле ратевци, и во време и невреме ратевските бамбурци се одржуваат и со тоа опстоиле толку долго колку и историјата на самото село. За вековното опстојување на карневалот заслужни се маските изработени од природна кожа од животни-овни, кози, овци, и рогови и перја, надополнети со звуците на металните ѕвона со кои ги истеруваат лошите и зли духови и болестите кај луѓето и добитокот.
Ратевскиот карневал-Бамбурци влезе во туристичката понуда за алтернативен туризам на Македонија. Со тоа се создава потенцијална можност Ратево, а и Малешевијата да бидат посетувани на овој ден и да се зголеми заинтересираноста и присутноста на ратевскиот карневал. Покрај традиционалниот настап на ратевските бамбурци-облечени во атрактивни маски од животински кожи, карневалот годинава беше збогатен и со други културни манифестации и настап на над дваесет групни и поединечни маски дојдени од повеќе краеви на Македонија. Вкупната бројка на учесници во карневалот достигна на околу 200 маскирани учесници, што зборува за интересот на карневалистите да настапуваа на вакви културни манифестации и воедно да се борат за една од наградите што ги доделува општина Берово за најдобро изведените карневалски настапи. Ратево го славеше карневалскиот ден и со познатите беровски зурли и тапани, со богата културна програма, на која учествуваа културните уметнички друштва од Берово и Истибања и врв на целокупното задоволство беа маските, заради кои всушност и излегоа сите ратевци од своите домови и дојдоа гости од цела Малешевија и пошироко од Македонија. Низ Ратево продифилираа покрај Ратевските бамбурци уште и маските Џаламари од Дреново, Џаламари од Кавадарци, Стопани ,Стара мокриевска свадба, Магични карти, Христос се роди, Југославија, Место за пушење, Мечкари, Црква, Војник, Ловџија, Џавол, Овен, Спонзоруша, Кралица на Инките, Ратевски цигани, Ратевска традиција, Мали бамбурци и други, симбол на мистиката, радоста и смртта, соодветни за поднебјето и традицијата на местото од каде доаѓаат.
Маските ги правиме од кожите што ги собираме од овците и роговите од овните-велат облечените во маската ратевски бамбурци.
Ние ќе настапиме како свадбари и стрнчинари.Со нашата маска ќе ја збогатиме ратевската традиција-рекоа маскираните свадбари.
Маскирани со кожи и рогови, денеска бамбурците ја продолжија вековната традиција на Ратево. Со своите маски и со големите метални ѕвонци да ги истераме лошите духови од селото. Таков е адетот на овој ритуал, со кој околу илјада години со застрашувачки маски од животински кожи го растеруваме злото и болестите кај луѓето и добитокот. Маскирањето во кожи од овци и кози е симбол и препознатливост на ратевскиот карневал. Не радува фактот што имаме се поголема поддршка за организирање на карневалот и заинтересираност кај туристичките работници да го промовираат Ратево преку Бамбурците-изјави претседателката на здружението „Ратевски бамбурци“ Даница Брндевска.
На отварањето на карневалот градоначалникот на општина Берово Драги Наџински рече дека Ратево и Малешевијата треба да бидат горди што имаат еден толку стар обичаи колку и самото село, што го негува и чува низ вековите и кој опстанал и во времето на најразлични идеолошки матрици и предрасуди, преку автентичната и креативна изработка на маски. Еден таков обичаj, коj иако е пагански, има свои специфики и значење, и надограден со нови елементи ќе биде израз на малешевската традиција. Јас лично како градоначалник на општината и локалната самоуправа ќе вложиме максимални напори манифестацијата да ја омасовиме, потпомогнеме и да дадеме поголема димензија на настанот во иднина. Така ќе ја доближиме културата и традицијата на нашето поднебје до туристите кои го сакаат нашиот крај. На сите ратевци и дојдени во Ратево на карневалот, градоначалникот им го четита големиот христијански празник Св. Јован Крстител и порача да го почуствуваат сите на овој ден Ратево под маски.
Бидејќи карневалите се форма на алтернативен туризам, во Ратево беа присутни и членови од Блканија-балканска асоцијација за алтернативен туризам, за кои маските во Ратево се автентично обележје на овој крај, израз на културното битисување на многувековната традиција на едно малешевско село, негована и чувана низ вековите како свое културно богатство.
„Туризмот да го развиеме и да ги донесеме туристите можеме само ако ги негуваме нашите автентични вредности и нашата традиција“, кажа Јасмина Пакашки од Балканска асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“.
На крајот жири-кoмисија имаше за задача да одбере пет најдобри групни маски и три поединечни маски, за кои средствата беа обезбедени од Буџетот на Општина Берово. Од групните маски првото место го освоија Ратевските цигани за кои беа оддвоени 7. 000 ден,второто место со 4.000 ден. го освои Старата мокриевска свадба, а третото место го делеа три маски Џамалариите од Кавадарци, Џамалариите од Ресово и Ратевските бамбурци кои добија по 3.000 ден. Од поединечните маски прво место освои Спонзоруша, за која беше оддвоена парична награда од 5.000 ден, кралицата на Инките на второ место доби 3.000ден, а Овенот со освоеното трето место доби награда од 2.000 денари.
Бамбурците се одржаа во организација на општина Берово и здружението „Ратевски бамбурци“



