Насловна Туризам Туризам Аурора гради хотелски комплекс

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Драги Наџински..

Аурора гради хотелски комплекс

“Аурора” го промовира Берово како воздушен коридор на Балканот

Извор:Капитал

Јавање коњи по Брегалница, сафари со џипови, пловење по бистрите езерски води и запознавање со локалната традиција е дел од проектот    “Берово - воздушен Коридор на Балканот” на туристичката агенција Аурора од Скопје.

Магдалена  Михајлоска

Во Аурора велат дека се одлучиле да го комерцијализираат овој дел од Македонија заради одличните можности за еко туризам.

“Низ Берово минува кислороден коридор, односно има максимална презаситеност на воздухот со кислород. Вакви места се реткост во светот, бидејки се сметаат за природни феномени”, вели Роза Сирачевска, сопственик и менаџер во туристичката агенција Аурора.

 

Целиот комплекс ќе се простира на 23.000 метри квадратни. Веќе е започната изградбата на хотелот “ Вила Аурора” кој се наоѓа на 1.200 метри надморска височина. Хотелот ќе биде лукузно наместен и цените за сместување ќе бидат релативно високи. Нашата главна таргет група се богатите странски туристи.

“Македонија нуди одлични можности за алтернативни видови на туризам и во таа смисла понудата е конкурентна на светско ниво. За ваков туризам се заинтересирани богати туристи, кои сакаат да видат нешто ново, да запознаат дел од локалната традиција, да уживаат во убавините на природата, а доколку тоа добро го спакуваме можеме да направиме одлична понуда. Од друга страна “богатите туристи” не бараат луксузни  услови за сместување, тие само бараат нова авантура и запознавање на нова култура”, велат во Аурора.

Беровскиот регион го избравме и заради безбедноста, која е неопходна за да ги привлечеме туристите, објаснуваат во Аурора.

Сопствениците на Аурора велат дека нивната инвестиција ќе го поттикне развојот на целиот регион и ќе привлече многу локални и странски инвеститори. Дел од локалното население веќе почнува да размислува комерцијално, што е добар сигнал, со оглед на лошата економска ситуација во Источна Македонија.

Сопствениците на Аурора велат дека и покрај преубавата природа, треба уште многу да се направи. Во соработка  со локалната самоуправа и со некои домашни компании оваа компанија планира кампања за подобрување на еколошката средина на Берово.

“Граѓаните мора да сфатат дека и тие мора да ја променат својата култура на живеење за да може градот да стане вистински туристички центар”, вели Сирачевска.

Проектот е изработен во рамки на Кластерот за туризам кој ја поттикна иницијативата за развој на локалниот туризам со промовирање на еден сосема нов пристап. “Целта на проектот е развој на македонскиот туризам, преку нови понуди кои досега не биле присутни на туристичкиот пазар”, велат во Аурора.

Ако сакаме да работиме по светски стандарди ние мора реално да го процениме тоа што може да го понудиме, велат во Аурора.

“Митот за Охрид мора да се разбие. Охрид е прекрасен но не е конкурентен во однос на балканската понуда. Ако земеме во предвид дека за неколку сати се стигнува на грчкото приморје каде што има одличи можности за масовен туризам и добро развиена инфраструктура, ќе сфатиме дека нашата понуда за Охрид не е особено примамлива”, вели Роза  Сирачевска од Аурора.

Државата не создава поволна клима за домашните инвеститори
И покрај добро изработениот проект, сопствениците на Аурора се жалат на државните  институции, за кои велат дека се крајно непрофесионални во вршењето на својата работа.

Четири години се мачевме да извадиме документи и покрај тоа што сите давачки кон државата ни беа платени. Се соочивме со разни притисоци

од страна не некои политичари, кои и покрај тоа што ги поседувавме сите документи ни се закануваа дека ќе ни го одземат имотот. Но, ние бевме решени да ја истераме работата до крај и не подлегнавме на притисокот кој ни го вршеа, вели Сирачевска.

Во Македонија за жал постојат локални моќници за кои неважи никаков закон туку само нивниот личен интерес, а проектот се истера  благодарение на нашата цврста решеност.

Се обраќавме до сите фактори за помош, но никој не сакаше да ни помогне, а внимание ни посветија единствено за време на изборите, но ние не сакавме да бидеме вклучени политички цели, затоа што се работи за наша приватна инвестиција, велат од Аурора.

Апсурдот одеше до таму што моравме да ги извадиме сите потребни документи, да трпиме разни малверзации, а од друга страна сите објекти кои се градат околу нашиот хотел, се дивоградби. Се прашуваме кој е интересот на државата и до кога ќе се промовира тој имиџ оној кој сака легално да работи да биде шиканиран од луѓе кои најмалку имаат право на тоа. Тие се чудат како мисли државата да привлече странски инвестиции во услови кога домашните инвеститори се соочуваат со проблеми кои не би смееле да постојат.

Од Аурора велат дека не знаат што да им кажат на странските инвеститори кои прашуваат за условите за инвестирање во Македонија.

Ние не може да ги лажеме и да им велиме дека кај нас е многу едноставно да се инвестира, кога тоа не е така, вели Сираческа.

Покрај сите најави државата нема стратегија за развој на туризмот Проектот “ Берово кислороден коридор на Балканот “, до сега е финансиран од сопствени средства.  Хотелот сега е во фаза на карабина, а 30% досега се финансираше од сопствени средства.

Во Аурора велат дека нивната консултантска  куќа направила анализа и препорачала да не се земаат кредит затоа што условите се крајно неповолни.

“Сумите не се поголеми од 300 000 евра,  рокот на враќање е мал а каматите се високи и неповолни, и ние не би можеле да ги издржиме”, вели Сирачевска.

Се обративме и до Министерството за финансии, но таму ни рекоа дека тие немаат никакви кредити за развој на туризмот и покрај  сите најави на Владата за развој на оваа стопанска гранка, ни рекоа да бараме кредити во банките, вели таа.

Како резултат на тоа тие решиле да инвестираат уште 30% од свои средства, а на есен доколку се создадат поволни услови да побараат кредит.

Преку овој проект ќе вработиме 50 луѓе од Берово, тоа се реални работни места, и наместо државата да ни овозможи што побрзо да го завршиме ние сме препуштени сами на себе.