Насловна Актуелно Вести Звонко Пекевски : Со напорна работа се трудиме да излеземе во пресрет на секој граѓанин

Топло добредојде! Градоначалник на општина Берово Звонко Пекевски...

 

 

 

Звонко Пекевски : Со напорна работа се трудиме да излеземе во пресрет на секој граѓанин

Отчет на Градоначалниот на Општина Берово, Звонко Пекевски, за реализираните и започнатите проекти во првата година од превземањето на функцијата

Уште со превземањето на функцијата Градоначалник на Општина Берово, добив голема задача, пред се Вашите барања да бидат индикатори во  следењето на  насоките кои ќе ме водат низ мојата функција.  Притоа остварив контакти со многу граѓани кои имаа барања од различен тип и пред сите ветив дека ќе работам пред се одговорно, транспарентно и во насока на подобрување на условите за живот на населението во Општина Берово.

 

Добивањето на довербата од граѓаните за мене значеше нов предизвик, но и голема обврска за отчетност и затоа се трудам секојдневно да ги информирам граѓаните на општината за  активностите, за завршените работи,  но и за планираните и аплицирани проекти кои чекаат донациски фондови,  или одобрување  и преминување кон реализација.


Уште на самиот почеток на вршење на функцијата се соочив со проблемот - блокирана сметка на општината , што секако создаваше отежнување во функционирањето ,  но тоа за мене  беше предизвик за макотрпна работа и изнаоѓање на решение и покрај таквата состојба да се излезе во пресрет на граѓаните.

Уште од првиот ден по преземањето на функцијата, започнав со прием  на голем број граѓани секојдневно, кои доаѓаа барајќи решавање на различни проблеми,  од  основни инфраструктурни, водоснабдувањето и примарна канализациона мрежа, па се до комунални проблеми и проблеми од социјална заштита. Пред сите реков дека состојбите ќе се решаваат  по приоритет, во зависност од расположливите извори на финансирање и дека посветено  ќе работам, со цел  подобрување на условите за живот на граѓаните во сите сфери на општественото живеење.

Што е предвидено во делот на капитални и инфраструктурни проекти?

Во делот на капиталните и  инфраструктурните проекти имаме доста работа. Едно е сигурно дека мораме максимално да се посветиме на подготвување проекти и изнаоѓање на  фондови за реализација на истите

Со партиципација на средства  од 1.000.000,00 денари преку Министерството за животна средина, а со кофинансирање на Општина Берово од 500.000,00денари, потпишан е  договор за ,, Изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи за одведување на отпадни води во населба МИЛО” . Тоа ќе овозможи приклучување на 30 домаќинства на системот за одведување на отпадни води, заштита на реката Брегалница и зачувување на биодиверзитетот и животната средина.

Од Министерството за економија се доделени средства во износ од 242.000,00 денари  кои ќе бидат употребени за изработка на локална Стратегија за развој на туризмот.

Од Бирото за регионален развој се доделени  средства во износ од 600.000,00 денари за реализација на проект –Изработка на техничка домументација за изградба на колекторски систем во 3 населени места по течението на реката Брегалница.

Исто така потпишан е  договор за доделување на средства за Изработка на основен проект за фекална канализација со пречистителна станица во с. Двориште, со ревизија, еколошки елаборат и проектна инфрастуктура. Со проектот ќе се понуди решение на долгогодишниот проблем на жителите на с. Двориште. Ќе се изработи проектна документација за спречување на загадувањето на Дворишка река, која е главен реципиент на отпадните води во селото, а кое нешто е посебно истакнато на средбите со Месната заедница, со цел понатаму да се има готов проект кога ќе се аплицира кон меѓународни и домашни фондови. Вкупната вредност на проектот чини 692.200,00 денари од кои Министерството за животна средина и просторно планирање ќе донира 500.000,00 денари а останатите ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Берово за 2018 година.

Асфалтирана е улица во с. Смојмирово од регионалниот пат Берово- Делчево до црквата во селото и извршено е крпење на ударни дупки во Берово и во с. Русиново.

Во склоп на проектот за атмосферска канализација асфалтирани се улиците:

,,Бел камен “,

,,11 Октомври” ,

,,Малешка “ ,

,, Марксова “ ,

,, Карпош” ,

,, Крушевска Република “ и

,, Ѓуро Ѓаковиќ.

Асфалтирана е дел од ул ,,Борис Кидрич” од регионалниот пат Берово- Струмица до раскрсницата со улиците Велко Влаховиќ и Јуриј Гагарин. Вкупната вредност за реконструкцијата е околу 2.000.000,00 денари а средствата целосно се обезбедени и исплатени  од Буџетот на Општина Берово за 2018 година.


Во моментот се асфалтираат дел од  ул,,Димитрие Туцовиќ “ и пристапна колско пешачка патека како спој на ул. ,,Балканска “ и ул,,Братство и Единство каде што населението е претежно од Ромска националност. Распределени се 1.773.747,68 денари за изградба на ул,,Димитрие Туцовиќ” и 958.480,39 за изградба на пристапна колско пешачка патека преку  Министерството за транспорт и врски за  Подршка на имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите.

Интензивно се работи  и на  изградба на Зелен пазар во Берово. Вкупниот износ на проектот изнесува 202.742,00 евра, финансиран со ЕУ Грант во износ од 134.857,00 евра преку Министерството за финансии,  администрирано од страна на Светска банка со кофинансирање од страна на општинскиот буџет во вредност од  67.885,00 евра. Општината веќе има префрлено на донаторската сметка сума во износ од 2.000.000,00 денари.

Реали Реализиран е проект „Градење на инфраструктура за одржлив развој на туризмот“ , финансиран преку Interreg  –  IPA  програмата  за прекугранична соработка Бугарија – Македонија. Проект за Водоснабдување на туристичката населба Беровско езеро,  заштита на езерото и  искористување на  водните ресурси. На  туристичката  населба  „Беровско  езеро“  конечно  е решен долгодишниот проблем со чиста вода за пиење кој е проблем пред се  од хуман, но и од економски, туристички и развоен карактер.  Во рамките на проектот поставен е штанд кој  ги содржи сите информации за туристичките понуди и преку кој туристите ќе може да разменуваат информации и да споделуваат искуства.

Промовирајќи го Берово како место со чист воздух и примамлива клима се грижиме  и за најстарите, при што во тек се активности за уредување на  внатрешноста на втората ламела од Домот за стари лица ,проект вреден околу 2.000.000,00 денари,  со што домот ќе добие дополнителен капацитет за сместување на стари и изнемоштени лица. Средствата се обезебедени, се чека изведувачот да заврши  со активностите и да бидат исплатени.

Во ООУ ,, Дедо Иљо Малешевскипроменето е дел од старата метална столарија (1 фаза), со нова ПВЦ столарија, проект вреден 915.942,00 денари со средства од Буџетот на училиштето во склоп на Буџетот на Општина Берово, а во тек е промена и на останатиот дел и се очекува истиот да биде завршен до крајот на годината.

Поставени се играчки во градскиот парк на кејот на реката Брегалница преку донација од општествено одговорна фирма ЗЕГИН.

Во рамките на грижата за Ромската популација изградено е детско игралиште во ромското маало  во соработка со КХАМ Делчево преку Иницијатива ,,Мрдни со прст” од граѓаните во Ромското маало во соработка со Општина Берово.

Како ја реализирате вашата отвореност кон граѓаните?

Работиме напорно и се трудиме да излеземе во пресрет на секој граѓанин. Поведени од мислата за подобра иднина на граѓаните,  постапуваме согласно можностите.  На некои проблеми сме во можност и реагираме веднаш, други ги впишуваме како предлог-идеја и ги вметнуваме во нашите програми кои во иднина ќе бидат реализирани. За оние за кои  имаме финансиска рамка ги вметнуваме во одреден проект .  Ги прифаќаме предлозите од граѓаните. Секоја идеја на граѓаните е добредојдена .

Воведено е приемно време за ѓраѓаните, со цел непречено одвивање  на активностите на општинските служби. Заеднички се отвара можност за континуиран напредок генериран преку конкретни проекти кои некогаш произлегуваат и од самите средби. Исто така се трудам често да бидам помеѓу граѓаните и да ги согледам реалните потреби преку теренски активности , а често ги користам и приватните аранжмани за согледување на одредени потреби кои некогаш знаат да бидат решени и без ангажирање на големи финансиски и човечки ресурси, а да значат многу во поглед на подобрување на условите за живот.

Како мерка за зголемување на наталитетот, воведено е  доделување на парични средства за секое новородено дете на територијата на Општина Берово .

 

Што е она што во иднина би требало да се реализира ?

Аплицирано е  со две мерки на Новиот Interreg  –  IPA  повик.  Едната е од инфраструктурен карактер, со што се планира реконструкција на речното корито на реката Брегалница во Берово,  од хотелот Македонија до зградата на ул,,Партизанска а другата е набавка на специјално теренско возило за гаснење на шумски пожари и чистење на снег со што ќе го решиме долгогодишниот проблем кој се јавува во зимскиот период и ќе добиеме поголема ефективност во гаснењето на шумските пожари. Аплициравме заедно со општина Струмјани – Република Бугарија и очекуваме одобрување на проектите.

Во тек е одобрување на проект ,,Промена на главната водоводна цевка од постојниот резервоар до резервоар кај туристичкиот комплекс Аурора и секундарна мрежа за поврзување на постојните објекти на мрежата во должина од 1800 метри и секундарни 2 крака од 1200 метри, со средства обезбедени преку Министерство за транспорт и врски во вредност од околу 80.000,00 евра.

Во тек е отпочнување со постапка за реализација на проект за подобрување на водоснабдување во с. Двориште со изградба на нов водозахват и цевовод до постојниот резервоар во вредност од 210.000,00 евра со средства обезбедени преку Министерство за транспорт и врски кој треба да отпочне со реализација во март 2019 година.

Исто така аплициравме и на повикот од УНДП за вклучување на општините за интегриран пристап за изработка на стратегии  преку проект Подобрување на општинското владеење, во кој е аплицирано со два проекти Машина за метење на улиците во градот и Реконструкција на ул,, Гоца Делчев во с. Русиново.

 

Аплицирано е и на проект од УНДП за Зајакнување на општинските совети што ќе овозможи подобрување на работата и ефикасноста на општинските совети

Што е со настаните од спортот и културата?

Од Министерство за култура се доделени  средства во износ од 600.000,00 денари со кои се реализирани  дел од настаните на   ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛОТ  2018 година, во чии рамки е организиран  фестивал на детски песни Малешевско ѕвонче , концерт на Јоце Панов, Мијата, Каролина Гочева,  неколку локални групи и секако свој настап за време на фестивалот имаше Културно уметничкото друштво кое работи во склоп на Домот на културата ,,Димитар Беровски .

Во делот на културата имаме широка промоција и афирмација на нашиот народен фолклор. Индирекно промоција на општинаа врши нашиот уметник со Малешевско потекло  Горан Алачки кој организира меѓународен семинар со претставници од многу земји и ја шири и одржува народната традиција.

Имаше организација на меѓународна ликовна изложба,  фестивал на класична музика, активна интеракција на младите преку  Младинскиот филмски фестивал “Џифони он тур“ кој што  допринесува за развој на филмската култура како и зближување на генерациите .

Исто така ја продлабочуваме културната соработка со Боровна - Измир, Турција, при што претставници на нашето културно - уметничко друштво ќе  учествуваат  во Турција, на  фестивалот кој ќе се одржи овој месец.

Од неодамна во  рамките на  Домот на културата ,,Димитар Беровски“ работи и  Староградски оркестар кој што на самиот почеток освои висока Втора награда на Меѓународен фестивал на фолклор, игри, песни и обичаи “Фолклорна магија“ во Република Бугарија.

Делегација на Општина Берово посети и Конференција за зачувување на идентитетот и културното наследство во Књажевац – Србија, каде што Општина Берово низ своја презентација ја промовираше својата традиција, културното наследство, знаменитостите и слично.

Во рамките на културата секако должност ни е да ги одбележиме големите празници. Така и оваа година традиционалната манифестација за избор на нацврсто и најубаво украсено јајце испреплетена низ ансамблот на народните танци и ора на плоштадот Димитар Беровски беше  дел од оваа манифестација, со кој ја промовираме културата.

Организиран е кошаркарски турнир кој го носи урбаното дружење и спортувања во градот на едно повисоко  ниво, а постојано  се помагаат и активностите на фудбалскиот клуб ,,Малеш”.   

Секојдневно се организираат настани, како забави, ликовни изложби, културно уметнички програми, преку кои не само што го привлекуваме вниманието на граѓаните туку и го зачувуваме културното наследство кое ни го оставија нашите предци. Со самите настани од ваков вид  дејствуваме на туристичката понуда.

На кој начин ги решавате комуналните проблеми на граѓаните?

Во делот на комуналните дејности,  многу од работите најчесто зависат и од нас самите. Ако совеста е поголема, животната средина нема да трпи и со помалку вложен труд ќе постигнеме поголеми резултати. Сепак ние сме тука пред се да ги решаваме комуналните проблеми на граѓаните, така во овој дел максимално се вложуваме.

Изминатиот период имавме повеќе активности со цел да си ја заштитиме животната средина. Организирани се акции со кои се исчистени повеќе локации низ градот. Исчистено е коритото на река Брегалница од мостот кај градскиот пазар до мостот на ул,,11 Октомври “, спроведени се акции за одржување на јавната чистота и зеленило, извршено е чистење и отстранување на вегетацијата од ,,Отомански поток”, извршено е хоризонтално одбележување на сообраќајниците во градот, поставена е нова урбана опрема во градските паркови вклучително и опрема за комунален отпад, поставено е улично осветлување на ул.„Борис Кидрич, раскрсницата со регионалниот пат Берово- Струмица до раскрсницата со улица Велко Влаховиќ.

Што е она што сте си го поставиле како цел и би сакале да го видите во Општина Берово ?

Како прво уште на почетокот на стапувањето на функцијата си поставив за цел во рамките на можностите да се исплаќаат старите долгови на општината, при што во изминатиот период само по основ на неисплатени надоместоци на советниците од стариот состав се исплатени околу 1.000.000,00 денари. Исто така, состојбата на обврски кон добавувачи кога стапив на функцијата беше околу 22.000.000,00 денари. Во моментот обврската е околу 16.000.000,00 денари вклучувајќи ги и новите обврски после стапувањето на функцијата, што покажува дека во голем дел, исплатени се старите обврски. Се трудам и она што се работи да се исплаќа согласно динамиката на изработка и договорот за плаќање. За околу 2.000.000,00 денари е намален долгот по основ на кредит од Светска банка , за околу 100.000,00 денари е намален долгот по основ на  експропријација.

Во иднина сакам  Општина во стабилна финансиска состојба!

По решавањето на проблемот со водоснабдување на туристичката населба ,, Беровско езеро во иднина би сакал да се насочиме кон осветлување на истата, што исто така ќе ја збогати туристичката понуда, а кога сме веќе тука голем успех за градот ќе биде ако успееме да го ставиме во функција некогашното детско одмаралиште на Беровско Езеро и одмаралиштето во туристичка населба Суви Лаки за кои веќе се водат преговори преку Министерство  за труд и социјална политика со сериозен инвеститор.

Во делот на социјалната заштита, би сакал секој проблем кој произлегува од состојбата на социјален ризик да биде воочен и секој во ова општество да се чувствува сигурен. Се надевам ќе најдеме соодветна локација за изградба на стамбен објект во кој времено ќе бидат сместувани лица од социјално ранливи категории .

Од следната година ќе се субвенционираат семејства од социјално ранливи категории на територијата на Општина Берово, со по 5 кубни метри вода, секој месец.

Исто така во иднина сакам да се насочиме кон изнаоѓање на решенија за  подобрување на условите за живот во селата, решавање на проблеми со канализација, осветлување, инфраструктура и слично.

Многу е важно да направиме нешто за младите, како на пример, младински културен центар во кои младите ќе го трошат своето слободно време продуктивно, надоградувајќи се.

Најважно за мене би било Берово да ги задржи младите, зошто трендот на иселување последните неколку години е на завидно ниво.

Планирањето е обид да се предвиди и да се обликува иднината, а бидејќи иднината е всушност неизвесна, полна со ризици и неочекувани пресврти, за тие фактори и ограничувања треба да се биде свесен. За да се остварат планираните цели за локалниот развој треба да се усогласат материјалните, но и човечките ресурси. Затоа, поддршката од советниците при Советот на Општина Берово и општинската администрација е многу важна за реализација на сите планирани активности и остварување на стратешките цели.

Мојата визија е Берово да биде посакувано место за жителите, инвеститорите и туристите, со погодни услови за брз социоекономски и културен развој, развиена урбана и рурална инфраструктура и чиста и здрава животна средина.

Го гледам Берово, онакво какво што било некогаш. Берово  кога ние бевме деца, мало градче со многу луѓе и  полно енергија.


 

Органи во состав на ЕЛС Општина Берово

 

 

 

Анализа на состојбите во социјалната заштита и социјалното вклучување на локално нивоПолитичко акциона и правна рамка за човекови права Како локалниот развој да има влијание на ситеУПАТСТВО ЗА ДОБИВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ ЗА ОБЈЕКТИ КОИ ВО  РАМКИ НА ИПАРД ПРОГРАМАТА СЕ ГРАДАТ НА ГРАДЕЖНО  ЗЕМЈИШТЕ ЗА КОЕ Е ДОНЕСЕНА УРБАНИСТИЧКО-ПЛАНСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Стратегии